КалендарВладимир Јовановски

Книжевност и уметност

ФАУСТ

СОН ВО ВАЛПУРГИСКАТА НОЌ

или

Златна свадба меѓу Оберон и Титанија

ШЕФОТ НА ТЕАТАРОТ:

Денес работата со одмор ќе се смени

Помошници мои чесни.

Високите ридој и влажните долој тесни,

Овој пат ќе бидат нашите сцени!

ГЛАСНИК:

За да биде свадбата златна,

Треба да минат педесет лета;

Но ако мине караницата матна,

Она што е златно за поважно се смета.

ОБЕРОН:

Духови, бидете каде што сум јас,

Покажете дека во овој час

Кралицата и кралот пак

Се сврзаа во брак.

ПУК:

Доаѓа Пук што да се сука сака

И ногата во редот ја влече;

По него стотици идат како река што тече,

И се радуват со него исто така.

АРИЕЛ:

Ариел убава песна плиска

Со небесно чист тон;

Мами тој суштества со става ниска,

Но и оној што е убав му е склон.

ОБЕРОН:

Како треба да се сакат маж и жена

Нашиот пример сите треба да го видат!

За да им биде љубовта јака како стена,

Треба често разделени да бидат.

ТИТАНИЈА:

Ако жената е зла, а мажот има некој порок друг,

Треба брзо да се фатат

И веднаш да се разделат и некаде пратат,

Тој на крајниот север, а таа на крајниот југ.

ЦЕЛИОТ ОРКЕСТАР (fortissimo):

Комарци и муви што прават врева,

Со родата нивна што удира в канти,

Со жаби в лисја и штурци в трева,

Тоа ти се музиканти.

СОЛО:

Еве доаѓа гајда што свири!

Таа на сапунов меур личи,

Слушајте како крекањето се шири

И како низ тапиот нос квичи.

ДУХОТ ШТО ДОПРВА ЌЕ СЕ ФОРМИРА:

Жабин мев и пајакова нога

Џуџето крилца зема!

Вистина, животинче нема,

Но има песна од неколку слога.

ЕДНА ДВОЈКА:

Висок скок и ситен чекор

Низ мирисен и течен мед;

За рипкањето твое немам прекор,

Но многу висок ни е твојот лет.

ЉУБОПИТНИОТ ПАТНИК:

Не ли е тоа маскарадна шега?

Можам ли да верувам на своите очи?

Кон Оберон, убавиот бог, сега

Мојот поглед може да се сочи.

ОРТОДОКСНИОТ:

Канџи и опаш не може да се бара!

Но сепак нешто сигурност дава!

Како и боговите во Грција стара,

И тој има ѓаволска глава.

НОРДИСКИОТ УМЕТНИК:

Каков и да е мојот фат,

Само како скица го сметам;

Но уште сега можам да ви ветам

Дека ќе тргнам во Италија на пат.

ПУРИСТОТ:

Ах! Ме доведе овде несреќата клета;

Состојбата овде лоша е во се’!

Вештерките во сета своја чета

Напудрени имаат само две.

МЛАДАТА ВЕШТЕРКА:

Пудрата е како убава пола

За баба со набрчкано чело;

Затоа на прчот јавам гола

И го покажувам своето јадро тело.

СТАРИЦАТА:

Ние живееме во отмен стил

И нема да се муртиме на вас;

Секој од вас е млад и нежен, но гнил,

Па се надевам дека ви нема спас.

ШЕФОТ НА ОРКЕСТАРОТ:

Муцка и нос од мува,

Голата е моја и нека се крева!

Жаба в лисја и штурец в трева,

Сепак знаат како такт се чува!

ВЕТРОКАЗОТ (свртен на едната страна):

Ако не се отвори земјава под нозеве наши

За да ве голтне сите вас,

Тогаш, со забрзан чекор, во овој час,

Во пекол да рипнам, не ме плаши.

КСЕНИИ:

Дека сме инсекти ние, за нас ќе речат,

Со ножици мали добро што сечат.

И почест на сатаната, нашиот татко

Да му укажеме ни е задоволство слатко.

ХЕНИНГС:

Видете! Четата нивна се собра,

Сите имаат наивни шеги да кажат.

На крај уште и ќе лажат

Дека имаат душа добра.

МУЗАГЕТ:

Сакам во вештеркиново јато смело

Да се изгубам, зашто тоа ми годи;

Подобро е човек да биде на нивно чело,

Отколку музи да води.

ПОРАНЕШНИОТ ГЕНИЈ НА ВРЕМЕТО:

Со вистински луѓе се станува прв.

Дојди, фати се за мене, тоа нешто значи!

Блоксберг кај нас колку Парнас зрачи,

Дури и на него има еден широк врв.

ЉУБОПИТНИОТ ПАТНИК:

Како се вика овој што вкочанестост сака да спази,

И со горделиви чекори сега пред нас гази.

Душкањето од се’ друго повеќе го сити

„Тој е во потрага по језуити“.

ЖЕРАВОТ:

Кога е бистро, јас одам на лов,

Но и кога е матно да ловам слушам зов;

Еве човек што секогаш побожна мисла го води,

Видете како со ѓавол сега заедно оди.

СВЕТСКИОТ ЧОВЕК:

Побожните, верувајте ми на збор,

Користат се’ до што ќе допрат;

И Блоксберг им служи како двор,

Неверството да го сопрат.

ТАНЧЕРОТ:

Што е ова! Доаѓа ли нов хор?

Далечен татнеж од барабани се слуша.

„Трските се мирни, меѓу нив нема спор,

Шумолат тие, чиниш се со една душа“.

УЧИТЕЛОТ ПО ТАНЦ:

Секој нозете ги крева!

Секој се снаоѓа како знае!

И дебел и крив рипа со десна и лева

И не помислува за тоа да се кае.

ГУСЛАРОТ:

Секој парталко другиот го мрази,

И секој би сакал другиот да го згази,

Се мират тие кога гајдата свири,

Исто како што орфејовата лира стиите ги мири.

ДОГМАТИЧАРОТ:

Од критиките и сомнежите ваши

Во главата нема да ми се смачи.

Ѓаволот мора нешто да значи,

Инаку кој од него ќе се плаши.

ИДЕАЛИСТОТ:

На фантазијата на мојот ум,

Овој пат и’ се слуша господарскиот глас.

Ако денес навистина сум сето тоа јас,

Во главата слушам само лудачки шум.

РЕАЛИСТОТ:

Постоењето денес ми е мачно,

А расположението мрачно;

За првпат стојам на ова тло,

А ми се чини паѓам во длабоко дно.

СУПЕРНАТУРАЛИСТОТ:

Задоволен сум што тука можам да бидам,

И среќен сум што тука секој ме прима;

Зашто од ѓаволите можам да видам

Дека и добри духови има.

СКЕПТИКОТ:

Пламенчињата им служат како трага,

И веруваат дека се близу до големи блага.

Со ѓаволот заедно сомневањето оди,

И тоа на правото место ме води.

ШЕФОТ НА ОРКЕСТАРОТ:

Жаба в лисје, штурец в трева,

Клети дилетанти!

Муцката на мува високо се крева,

Сепак сте музиканти!

БЕСПОМОШНИТЕ:

За туѓ залак устава ни беше спремна да зине

Но сега нема помош ни од бога!

Од танци чевлите мораа да се скинат.

И сега одиме со боса нога.

СВЕТУЛКИТЕ:

Од мочуришатата доаѓаме ние,

Каде што дојдовме на свет;

Но еве не сега овде веднаш во ред,

Блескава галантност во нас се крие.

ЅВЕЗДА ШТО ПАЃА:

Од височина пукав со стрелба јака

Во ѕвездените и огнените зраци,

А сега лежам в трева со испружени краци,

Да станам кој ќе ми подаде рака?

НЕДОДЕЛКАНИТЕ:

Направете пат! Место! Место!

Тревата под нив се вие,

Духовите доаѓаат мошне често,

Недоделкани нозе имаат тие.

ПУК:

Не доаѓајте со поглед така мрк,

Не бидете груби како слон во трк,

Најгруб денес нема да биде никој друг

Туку самиот Пук.

АРИЕЛ:

Ви даде природата драга

Заедно со духот и крила,

Тргнете по мојата лесна трага

На височината што ми е мила.

ОРКЕСТАРОТ (Pianissimo):

Облаците и маглите бродат

И се губат во лесниот етар.

Воздух в лисја и в трски ветар,

И тие како прав си одат.

(прев. Душан Томовски, изд. Група издавачи, Скопје 1989)

ФејсбукВајберЕ-поштаСлучаен запис